Дебитираше Audi E-Tron GT Concept

Дебитираше Audi E-Tron GT Concept

Audi на авто-салонот во Лос Анџелес го претстави концептот на луксузната електрична купе-лимузина која би требало да ги “помрси конците” со Model S на Tesla.

По објавените фотографии од маскираното возило, Audi го претстави концептот E-Tron GT во полн сјај.

Станува збор за автомобил кој по своите димензии и облик потсетува на Audi A7 Sportback, но со поспортски надворешен дизајн. Концептот е долг 4,96 метри, додека ширината на автомобилот е 1,96 метри. Висината на возилото е 1,38 метри, а меѓуосовинското растојание изнесува 2,90 метри.

Технолошки, E-Tron GT е производ на соработката помеѓу одделението Audi Sport и Porsche, што значи дека ја дели механичката платформа со електричното Porsche Taycan, вклучувајќи ги и тие погонски батерии.

Иако Audi не соопштил никави податоци за автономијата во возењето, се очекува дека E-Tron GT ќе може да прејде над 400 километри со полни батерии и дека ќе може да се дополни до 80% од капацитетот за 20-тина минути, што ќе му обезбеди на возилото околу 320 километри возење без застанувања.

Освен што има спортски изглед, Audi E-Tron GT поседува и соодветни спортски перформанси.

Двата електромотори произведуваат вкупно 590 коњски сили (434 kW), со што автомобилот од 0-100 км/ч. забрзува за околу 3,5 секунди, додека до 200 км/ч. од место пристигнува за нешто повеќе од 12 секунди.

Максималната брзина е ограничена на 240 км/ч., пред се поради заштеда на електричната енергија и продолжување на радиусот на движење.

Audi соопшти дека продукцискиот E-Tron GT ќе пристигне на пазарот кон крајот на 2020 година и дека серискиот модел нема драстично да се разликува од концептот.