Деактивирањето на Фејсбук позитивно влијае на менталното здравје

Деактивирањето на Фејсбук позитивно влијае на менталното здравје

Студијата наречена “The Effective of Social Media” е спроведена во текот на минатата година и вклучувала 2844 корисници на Фејсбук кои што социјалната мрежа ја користеле најмалку 15 минути дневно.

Деактивирањето на профилот на Фејсбук за само четири седмици може да доведе до подобрување на менталното здравје на луѓето, покажува оваа студија. Имено, истражувачите од Универзитетот „Њујорк“ и Универзитетот „Стенфорд“ во САД, го проучувале влијанието на напуштањето на оваа социјална мрежа на однесувањето на одредено лице и неговиот ум.

Деактивацијата на Фејсбук профилот ги поттикнала испитаниците да започнат повеќе да се дружат со своето семејство и со своите пријатели. Други пак се пофалиле дека имале повеќе време за да гледаат телевизија.

Откажувањето од Фејсбук, на испитаниците им помогнало субјективно да се чувствуваат подобро, иако бил донесен заклучок дека сите кои што ја напуштиле најголемата социјална мрежа на светот, биле послабо информирани за актуелните случувања.

Испитувањето покажало дека тие „помалку следат вести од политиката и за претседателот“ и дека се „помалку способни точно да одговорат на прашањата за неодамнешните случувања“. Истражувачите откриле дека луѓето кои што ги деактивирале своите профили на Фејсбук повеќе никогаш не се враќаат на социјалната мрежа, или пак трајно го намалуваат користењето.

„Нашата студија нуди досега најголеми експериментални докази за начинот на кој Фејсбук влијае на луѓето. Деактивацијата на профилите ги натера добро да размислат за позитивните и негативните влијанија кои што Фејсбук ги има на нивните животи“, велат авторите на студијата.