Дали секој што вежба во теретана е нарцисоиден?

Дали секој што вежба во теретана е нарцисоиден?

Бодибилдингот многу често неоправдано се поврзува со нарцисоидност па на бодибилдерите им се препишува нарцисоидно нарушување на личноста. Не е бодибилдингот нарцисоиден- луѓето се. Не може бодибилдингот да ги направи луѓето нарцисоидни ако тие притоа немаат диспозиција за ова нарушување или веќе не страдаат од истото. Постојат многу истражувања кои го поврзуваат бодибилдингот со нарцисоидното нарушување на личноста, а добиените резултати се контрадикторни. Голем број од истражувањата кои се спроведуваат на оваа тема не се сериозни и добиените резултати само помагаат овој стереотип за бодибилдерите да се одржува и проширува. Кога се зборува за нарцисоидност или за нарцисоидно нарушување на личноста верувам дека повеќето од вас се повикуваат на митот за Нарцис кој бил заљубен во одразот на своето лице во водата. Така повеќето доаѓаат до заклучокот дека бодибилдерите се нарциси затоа што обожаваат своето тело да го набљудуваат во огледалото.

Нарцисоидното нарушување е многу повеќе од набљудување во огледалото во теретаната и претставува сериозна состојба која не се случува само во рамките на теретаната.

Најчесто се јавува во раната младост и има повеќе карактеристики како што се:

  • Чувство на грандиозност и голема важност и самодоверба (ги преувеличуваат своите достигнувања, таленти и способности за да бидат препознаени како супериорни во споредба со другите).
  • Опседнати се со фантазии за својот неограничен успех, моќ, брилијантност, изглед на телото и сексуалност.
  • Убедени се дека се единствени и специјални и дека се разликуваат од другите. Поради тоа се чувствуваат дека никој не може да ги разбере (нема никој кој е супериорен колку нив).
  • Бараат воодушевување, внимание и потврда од другите.

На кратко, за еден бодибилдер да го сместиме во категорија на лица со нарцисоидно нарушување на личноста потребни се повеќе испитувања и тестирања од страна на психолог за конечна дијагноза.

Бодибилдингот помага во градење на сликата за себе (подобрување на сликата за себе) и е од голема важност за градењто на самодовербата. Самодовербата е клучна во сите сегменти од животот, а не само во теретаната. Високата самодоверба всушност е она што на некој начин ги поврзува бодибилдерите со лицата кои што имаат нарцисоидно нарушување. Едно истражување од 2014 година добива таков резултат, дека кај бодибилдерите и спортистите (вклучени се различни спортови) има лица кои се повеќе склони кон ова нарушувања за разлика од лицата кои биле во контролната група (не се занимавале со никаков спорт). Дали ова значи дека сите спортисти и бодибилдери се нарциси? Тоа е премногу грубо да се каже само врз основа на едно истражување, но дефинитивно може да биде подлога за идни истражувања.

Во теретана секогаш можеме да забележиме лица кои константно се пред огледалата или пак вежбаат со преголеми тежини. Наместо да ги етикетираме како нарциси убаво би било да ни послужат како пример како не треба да се изведуваат вежбите. Всушност кој би можел да биде поголем нарцис: лицето кое поминува по 3 часа во шопинг за да ја пронајде совршената комбинација на облека за да се издвои од толпата или лицето кое поминува време во теретаната за да чувствува удобно во единствената облека која ја имаме- нашата кожа?