Червар го престави Халил Јагањац како дел од семејството!

Червар го престави Халил Јагањац како дел од семејството!

Во моменти кога целото внимание е насочени кон разрешување на сите дилеми меѓу Металург и Висла за трансферот на Немања Обрадовиќ, македонскиот ракометен клуб ова попладне излезе со официјална информација дека во составот на Лино Червар и дефинитивно е придодаден суперталентираниот хрватски ракометар, Халил Јагањац.

Деветнаесетгодишниот Јагањац важи за еден од најталентираните ракометари во светот, а отсега ќе биде дел од тимот на Лино Червар кој всушност е главниот „виновник“ за неговото доаѓање во Скопје. Јагањац игра на позицијата лев бек и во Автокоманда пристигнува од редовите на францускиот гигант ПСЖ, а неговиот договор е во времетраење од три години.

– Пред се, би сакал да кажам дека сум пресреќен што дојдов во Металург, бидејќи од повеќе причини сметам дека го направив најдобриот потег во мојата досегашна кариера. Иако сум овде само неколку дена, одлично сум примен од моите нови соиграчи и од управата на клубот и веќе можам да ја почувствувам семејната атмосфера што владее во овој клуб, што за мене е многу важно. Секако, една од најважните причини за моето доаѓање е и Лино Червар, кој е светски признат ракометен специјалист. Сметам дека ниту еден друг тренер не би можел повеќе да ме научи, да ме унапреди и да ме насочи во оваа фаза од мојата ракометна кариера. Металург навистина се потруди за да ме доведе во своите редови и затоа сум му многу благодарен на клубот и на неговата управа и му се радувам на секој ден минат во Металург и во Скопје, – вели Јагањац во изјавата за официјалниот веб сајт на „металурзите“.