Баерн Минхен со заработка од неверојатни 74 милиони евра

Баерн Минхен со заработка од неверојатни 74 милиони евра

Германскиот великан Баерн Минхен беспрекорно ја одигра групната фаза во Лигата на шампионите, во која освен првото место во групата, на „Алијанц Арена“ ќе донесе и многу пари, а медиумите пресметаа рекордна заработувачка за еден тим во елитата – 74,1 милион евра.

Оваа заработка е само од настапот во групите и бонусите за освоените бодови. А, ако се додадат парите од маркет-пулот, германските медиуми веќе најавуваат дека ќе ја надминат магичната цифра од 100 милиони евра. И тоа дури и ако во осминафиналето експресно бидат исфрлени. Ако стигнат до финалето, касата ќе се наполни со уште десетици милиони.

Баерн како и секој учесник во ЛШ за настапот имаше загарантирани 15,25 милиони евра, од историскиот коефициент доби дополнителни 33,240 милиони, па за победите во групата уште 16,2 милиони и плус за пласманот во осминафиналето – 9,2 милиони. Севкупно 74,19 милиони евра. Соогед дека Германија е еден од најголемите пазари во Европа, голем колач ќе добие и од маркет-пулот во кој се вклучени ТВ-правата, па медиумите посочија дека без одлед на понатамошниот настап – 100 милиони би биле сигурни.

Само за потсетување, Реал Мадрид за својата последна европска круна севкупно заработи 88,65 милиони евра, а Ливерпул лани стигна до стотка. Баварците барем за пола милион ќе ги надминат, а убедливо би заработиле ако го продолжат патот дури до истанбулското финале.