Audi го обнови Q5

Audi го обнови Q5

Audi Q5 не треба посебно да се претставува – доволно е етаблиран на пазарот и популарен меѓу купувачите како во својата прва, така и во оваа втора генерација претставена пред три ипол години. Сепак дојде време за обновување кое ќе му додаде малку пазарна свежина.

Редизајнот му донесе нови ЛЕД светла кои се стандардни, а за прв пат може да се добие и со ОЛЕД технологија. Изменета е и предната маска, заедно со големината на отворите за воздух. Новите браници му ја зголемија должината за 19 милиметри, додека ширината и висината останаа непроменети. Внатре доминира дигиталниот кокпит придружен со MMI екран од 10,1 инчни и нова MIB 3 мултимедија. Можностите за вмрежување со мобилни телефони се подобрени, а целокупниот амбиент зависи од изведбата на внатрешноста која може да биде во три нивоа.

Моторизацијата е различна во зависност од регионот и стартува со дволитарски дизел од 204 KS, комбиниран со блага хибридна технологија. Истото го има и дволитарскиот TFSi со 265 коњи, а на врвот е SQ5 со трилитарски V6 со 354 KS. Сепак малку посилен од него е плаг-ин хибридниот модел кој има 367 коњски сили. Овој еден од најпопуларните SUV модели на Audi се произведува во Мексико. Продажбата му е предвидена да започне пред крајот на годината, по цена од 48.700 евра.