5 психолошки фази во фитнесот низ кои мора да поминете!

5 психолошки фази во фитнесот низ кои мора да поминете!

Без разлика дали сега почнувате со фитнес програма или сте веќе искусни во вежбањето, постојат психолошки фази во фитнесот низ кои природно ќе поминете. Ако се подготвите за она што следи, многу побрзо ќе ги надминете оние потешките фази и ќе стигнете до моментот кога ќе уживате во сѐ што правите за вашето тело и здравје.

Фаза 1 – Одлука

Првата од петте психолошки фази во фитнесот започнува со одлуката да го подобрите изгледот, здравјето, силата, кондицијата – што и да е вашата конечна цел. Потребни се 3 секунди да одлучите да почнете со одредена фитнес програма, но во суштина ќе ви требаат 2-3 недели за да почнете да ги менувате навиките. Во оваа фаза ќе бидете исполнети со мотивација и возбуда за постигнување а вашата цел, па затоа искористете ја до максимум за воведување на новостите во вашиот живот.

Фаза 2 – Сомнеж

По првичната возбуда доаѓа втората психолошка фаза која носи сомнеж дали сте на вистинскиот пат и дали воопшто сте способни да го постигнете она што сте го замислиле. Од оваа фаза можете да излезете на само 2 начини – или посилни во вашата намера да успеете или демотивирани, со стагнација во прогресот. Но, сомнежот е сосема нормален дел од процесот. Затоа прифатете го штом ќе се појави и фокусирајте се на негово надминување. Имајте на ум дека оваа фаза може да се повтори, но ако ја користите паметно ќе ви помогне да станете посилни и да уживате во убавите нешта кои доаѓаат после неа.

Фаза 3 – Самоконтрола

Ова е една од највозбудливите психолошки фази во фитнесот. Тука сфаќате дека сте го победиле сомнежот и дека можете да постигнете многу повеќе од тоа што мислевте. Во оваа фаза исто така учите за поврзаноста помеѓу умот и телото и така ја зголемувате самоконтролата. Сите лекции кои ги учите со зголемување на физичката сила и енергија почнувате да ги применувате и во другите сфери од животот.

 

Фаза 4 – Самодоверба

Во оваа фаза вашата самодоверба станува сѐ посилна и доживувате еден вид на промена на вашиот идентитет. Се гледате себеси како дел од групата здрави и фит луѓе, но уште поважно е што се чувствувате фит и физички и умствено. Здравата исхрана ви е навика, а нездравите навики веќе не изгледаат така привлечни. Во оваа фаза станувате пример за луѓето околу вас дека здравите навики носат само позитивни промени.

Фаза 5 – Повисоки цели

Ова е фазата која започнува по стекнувањето на самодовербата, и во најголемиот број случаи никогаш не завршува. Веќе сфаќате дека сте способни да ги остварите целите кои ќе ги зацртате и почнувате да барате други предизвици во рамките на фитнесот, или пак во некој друг спорт или хоби. Ова е моментот кога ја вистински ја разбирате изреката дека фитнесот е патување, а не дестинација, и почнувате целосно да уживате во возењето.