3 лекции што можеме да ги научиме од повременото постење!

3 лекции што можеме да ги научиме од повременото постење!

Повременото постење (intermittent fasting) е популарен режим на исхрана за ослободување од вишок килограми. Иако ставовите за него во фитнес светот се движат од супер позитивни до негативни, факт е дека можеме да научиме неколку клучни лекции за регулирањето на исхраната, без разлика на тоа каков режим ќе избереме да практикуваме.

1. Постењето нема негативно влијание на мускулната маса

Не, нема да ја изгубите мускулната маса на којашто работевте ако не јадете веднаш после тренинг, иако постојат доста логични аргументи зошто постењето не е најдобриот избор за анаболизам. Истражувањата покажуваат дека кратки периоди на постење (во тек на 8 недели, со 8 часа внесување на храна и 16 часа постење во тек на еден ден) не прават штета на мускулната маса во процесот на слабеење, сè додека се внимава на вкупниот дневен внес на протеини. Овие тврдења не се проверени за периодите кога сакате да ја зголемите телесната и мускулната маса, кога на телото му е потребен калориски суфицит.

2. Фреквентноста на оброците не е клучна

Повременото постење се заснова на идејата дека можете да му давате храна на телото во одреден период од денот, што го побива тврдењето дека е потребно да јадете по 6 помали оброци во денот за да се ослободите од вишокот килограми и масти. Таа стратегија е исклучително ефикасна, но очигледно не за сите, затоа не се трудете да ја практикувате по секоја цена. Исхраната е многу индивидуален фактор, така што треба да процените дали за вас подобро функционираат ретките и обилни оброци или честите помали оброци. И двете опции се покажуваат како ефикасни кај различни луѓе, во различни ситуации, што нè води до следната точка.

 

3. Не морате да пакувате еден куп мали оброци за на работа

Повременото постење може да ви користи во ситуации во кои немате лесен пристап до храната од вашиот режим на исхрана, или до храна воопшто. Ако имате ден исполнет со состаноци, патување и слично, можете да ги примените правилата на повремено постење. Само внимавајте на тоа да внесете нутритивно богата храна пред и по времето на постење за да можете да го издржите. Добро е да имате протеински шејк со вас ако подолго време од денот не сте во можност да јадете.