3 детали за тројната камера на Samsung Galaxy S10

3 детали за тројната камера на Samsung Galaxy S10

Од јужнокорејската компанија веќе најавија еден телефон кој ќе пристигне со тројна камера – станува збор за Galaxy A7 кој наскоро ќе биде претставен, а се чини дека тоа ќе биде само еден вовед, затоа што наскоро пристигнува една од најдобрите камери на светот.

Секако, главната „работа“ ќе се случи во февруари идната година кога технолошкиот гигант ќе ја претстави најновата генерација на својот најмоќен телефон – станува збор за јубилејниот модел Galaxy S10.

Иако засега не е познато колку модели ќе претстави Самсунг, сепак јасно е дека еден од нив ќе пристигне со три камери на задната страна, а токму за „тројната камера“ деновиве се појавија нови информации.

Имено, протекоа спецификациите со основните карактеристики на сензорите кои ќе бидат користени. Главниот сензор ќе биде веќе добро познатиот сензор кој се користи во топ моделите на Самсунг – сензор од 12 мегапиксели со големина на пиксел од 1,4 µm и двоен отвор на бленда од f/1,5 и f/2,4.

Двата преостанати сензори ќе сочинуваат комбинација од телефото и ултра-широкоаголна камера. Телефото камерата ќе има резолуција од 13 мегапиксели, отвор на бленда од f/2,4, како и големина на пиксел од 1,4 µm. Широкоаголната камера ќе има сензор од 16 мегапиксели, идентична големина на пиксел и отвор на бленда од f/1,9. Сепак, тоа што најмногу воодушевува е аголот на покривање од дури 123 степени, со што ќе биде водечки модел во класата.

Најновите телефони на Самсунг најверојатно ќе бидат претставени во Барселона на идниот Mobile World Congress кој ќе се одржи кон крајот на февруари идната година.