Златко Далиќ, нов селектор на Хрватска!

Златко Далиќ, нов селектор на Хрватска!

Фудбалскиот сојуз на Хрватска по двата кикса на репрезентацијата во квалификациите за Светското првенство реши да му даде отказ на селекторот Анте Чачиќ, а на негово место е наименуван малку познатиот тренер Златко Далиќ.

Новиот „изборник“ ќе ја предводи Хрватска на последниот квалификациски дуел на гости со Украина во Киев в понеделник.

По синоќешниот нерешен резултат со Финска (1:1) во Ријека и по денешниот вонреден состанок Чачиќ е сменет, а Далиќ ја прифатил понудата да го наследи.

Најдобрите резултати на новиот селектор како тренер се поврзани со екипи од Саудиска Арабија и од Обединетите Арапски Емирати, додека имал тренерски ангажмани и во Вартекс, Динамо Тирана, Ријека, Славен Белупо, Ал Хилал, Ал Фаисали.

Хрватска се наоѓа на второто место на табелата во групата зад Исланд, а пред Украина со која имаат ист број бодови. Евентуален нерешен резултат во Киев за Хрватска ќе значи освојување на второто место и најверојатно учество во баражите. Лидерот Исланд, кој има два бода повеќе, во последното коло игра дома со Косово.