Запознајте го Версај (фото)

[03.02.2012 - 12:07 часот]

Сигурно многумина од вас слушнале за прекрасниот Версајски дворец, па во оваа прилика ве запознаваме малку повеќе со историјата на оваа туристичка атракција и историска знаменитост.

Версајскиот дворец бил резиденција на француските кралеви Луј XIV, Луј XV и Луј XVI, а прекрасната градба се простира на површина од 11 хектари во близина на градот Версај, југозападно од Париз и е опкружен со 815 хектари парк.

Овој дворец-споменик (Chateau de Versailles) е познат во светот по својата убавина, како и по значајните настани кои што се одиграле во него.

Дворецот бил дом на кралевите и нивните дворјани во периодот од 1682 до 1789 година, со исклучок на неколку години, во периодот на владеењето на војводата Филип, од 1715 до 1723 година. Версај е симбол на кулминацијата на француската монархија.

Дворецот Версај настанал како ловечки дворец за кралот Луј XIII, а истиот, од 1661 година бил значајно дограден од страна на архитектите на кралот Луј XIV.

Внатрешните декорации во замокот се дело на дизајнерот Шарл Лебрен, а парковите ги уредувал Андре ле Нотр.

Плодот од соработката на тогашните врвни уметници е еден од најубавите дворци во Европа.

Во внатрешноста на ѕидините во Версај живееле околу 6,000 луѓе, а дворецот го украсуваат и многубројни фонтани и прекрасно зеленило. Во дворецот се наоѓа и познатиот камен астрономски часовник.

Во дворецот се наоѓа и Галеријата на огледала каде што во 1919 година бил потпишан познатиот Версајски договор кој воедно значел и завршување на Првата светска војна. Версај престанува да биде кралска резиденција во 1789 година, по Француската револуција.

Дворецот и паркот во Версај низ бројки:

Површината на дворецот е 67,121 метри квадратни, од кои околу 50,000 се отворени за јавноста. Во него се наоѓаат 700 соби, 2.512 прозорци, 352 камини, 67 скали и 483 огледала.

Исто така, во дворецот има и 6,000 уметнички слики, 2,100 склуптури и 5,000 парчиња мебел и други уметнички предмети.

Паркот на дворецот се простира на површина од 815 хектари, од кои 93 хектари се градини. Паркот содржи 200,000 стебла дрва и педесетина поголеми фонтани.

Во склоп на паркот се наоѓаат и неколку објекти и локации како што се: голем и мал Тријанон, кралско село, голем и мал канал, оранжерија и Швајцарското езеро.

[назад]
Радио МОФ