Врсаљко и Габи го спасија животот на Фернандо Торес

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 03.03.2017 - 16:17

Вчера напаѓачот на Атлетико Мадрид, Фернандо Торес, доживеа несреќа на теренот, откако страшно падна на главата во натпреварот против Депортиво ла Коруња.

Неговите соиграчи, Шиме Врсаљко и капитенот Габи први се упатија кон повредениот Торес, а нивната навремена и правилна реакција го спаси неговиот живот.

Имено, откако Торес падна тој го проголтал јазикот и почнал да губи свест, а двајцата фудбалери успеаја навреме да му го извадат јазикот и да го спасат од задушување.

"Тоа што го направија Габи и Врсаљко беше совршено. Габи ја отвори устата на Фернандо, а Врсаљко го извади неговиот проголтан јазик. Тоа практично му го спаси животот и тие се вистински херои", изјави шпанскиот доктор, Карлос Ларињо.

Денес пристигнаа информации дека Фернандо е подобро и е во стабилна состојба, а поради медицински проверки ноќта ја поминал во болница.