Водопад кој се претвора во лава

[20.02.2012 - 15:11 часот]

Секоја година во февруари во националниот парк Јоземит во Калифорнија, се појавува редок феномен, односно кога Сонцето под одреден агол ќе го осветли Хорстаил, еден од помалите водопади кој паѓа преку гранитните карпи Ел Капитан, се создава впечаток дека водата е претворена во вулканска лава.

"Водопадот Хорстејл има единствена положба, не познавам ниту еден водопад кој добива таква светлина од одреден агол.

Се наоѓа во таква позиција така што во одредено време кога сонцето ќе го осветли водопадот, водата добива портокалова боја и потсетува на лава", изјавува фотографот Мајкл Фрај кој е автор на "Водичот за фотографи во Јоземит", пренесува агенцијата "Associated Press".

Фрај дополнува дека за фотографирање на водопадот е потребна голема среќа, бидејќи неопходно е сите фактори да бидат на место во точно одреден момент.

Многу фотографи тврдат дека фотографирањето на водопадот Хорстејл претставува лекција од астрономија, физика и геометрија во едно, бидејќи постои точно дефиниран агол во одредено време кој зависи од положбата на Сонцето и Земјата.

Посетителите на Јоземит имаат прилика да видат многу занимливости, а работниците во националниот парк главно се трудат минимално да влијаат на природата на најголемата заштитена површина во САД.

[назад]
Радио МОФ