Влатко за денот на вљубените[16.01.2012 - 11:57 часот]
|
План Б Продукција со гордост ви најавува уште едно романтично доживување за денот на вљубените 14-ти февруари, кога во салонот на Македонската Опера и Балет по втор пат ќе се одржи ексклузивен анплагд концерт „Влатко Илиевски и пријателите, ден на љубов и вино“.
Гала концертот кој има тенденција да прерасне во традиција оваа година ќе изгледа како претстава, а Влатко и пријателите ќе бидат придружувани од голем симфониски оркестар кој ќе го сочинуваат врвни македонски музичари.
"И оваа година на најубавиот ден од годината, денот на љубовта и виното, заедно со моите пријатели, на публиката ќе и подариме двочасовно уживање, концерт кој ќе разбуди многу емоции, со сензибилитет кој ќе го разнежни секој од нас.

Самиот ден ја носи пораката дека љубовта е таа врз која се потпира целото човештво и токму затоа на сцената на Македонската Опера и Балет со изведба на најголемите светски љубовни хитови и најдобрите македонски евергрини, со чашка добро вино, ќе ја славиме токму неа - љубовта" – вели Влатко.
Минатогодишниот анплагд концерт кој се оржа во преполната Универзална Сала беше прв од ваков вид изведен од македонски артист.
Директен пренос од концертот одеше на А1 ТВ и истиот имаше огромна гледаност. Гости кои заедно со Влатко ги изведоа најубавите љубовни балади беа Слаткаристика, Миле Кузмановски, Александар Белов, Ламбе Алабаковски, Морал, Трифун Костовски и други.
Пријателите кои оваа година ќе настапат заедно со Влатко на концертот се негови колеги од македонската, но и од балканската музичка сцена.
Нивните имиња нема да ги откриеме сега, само ќе најавиме дека станува збор за врвни музичари и артисти кои со задоволство ги слуша и помладата и повозрасната публика- изјавуваат организаторите План Б Продукција.
Билетите за овој концерт за уживање, кои би биле совршен подарок за некого, се во ограничен број, а истите ќе бидат пуштени во продажба од среда (18-ти јануари) во Југотон, цвеќарница Розе Веро 2 и Камарад Рамстор.
| [назад] |















