Високо во Азербејџан

[28.01.2012 - 11:56 часот]

Највисоката кула на светот, Бурј Калифа во Дубаи наскоро ќе добие конкуренција, бидејќи азербејџанската градежна фирма Авеста планира недалеку од Бакуа да изгради облакодер со висина од 1,050 метри. Изградбата на оваа кула би требала да заврши до 2016 година.

Проектот кој опфаќа и изградба на луксузни хотели и апартмани на 41-от остров на Каспиското Море вреди повеќе од 100 милијарди долари. Но, изгледа дека овој влог фирмата Авеста го смета за многу профитабилен.

Компанијата најави дека нивната кула ќе биде за 27 проценти повисока од Бурј Калифа (828 метри), а со работа ќе започнат веќе во 2013 година.

"Ова ќе биде еден од најскапите проекти на светот", изјави директорот на компанијата Хаџи Ибрахим Нехрамли, пренесуваат странските агенции.

Луксузниот град во кој ќе се наоѓа највисоката кула на светот со 185 ката, ќе биде изграден на 25 километри јужно од градот Бакуа. Градот ќе се наоѓа на вештачките острови и ќе изгледа како килим, потврдува Нехрамли.

Планирана е и изградба на деловни центри, еколошки прифатливи станбени згради и забавни центри. Шест острови ќе бидат поврзани со мостови.

"Владата на Азербејџан го одобри проектот", истакна Нехрамли.

Според натписите на азербејџанските медиуми, првата фаза од изградбата ќе биде завршена во 2016 година, а градот би бил погоден за живеење веќе од 2026 година.

[назад]
Радио МОФ