Вардарки во завршница со многу драма до победа против Мец

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 04.02.2017 - 20:19

Денес ракометарките на Вардар одиграа уште еден натпревар во Лигата на Шампионите, против Мец, кој на крајот за среќа заврши во корист на македонските шампионки.

Иако крајниот резултат од 23-21 не укажува на голема драма, сепак ситуацијата на теренот во салата "Јане Сандански" беше нешто поразлична.

Вардарки иако го држеа натпреварот под контрола и остваруваа големо водство преку целото прво и поголемиот дел од второто полувреме, сепак на крајот успеаја да ја прокоцкаат предноста од шест голови разлика и да влезат во драматичен финиш.

Во последните неколку минути од натпреварот на теренот се случи вистинска борба, но за среќа и Французинките направија неколку грешки во клучните напади како и погодок во пречката во последниот напад, па сепак не успеаја да извлечат нерешен резултат.

Во нашите редови најефикасна беше Дамњановиќ со пет погодоци. Со оваа победа Вардарки ја задржаа првата позиција на табелата со 11 бодови, што е за два повеќе од Ференцварош и три повеќе од Будуќност.