Туристите разочарани, Малта без нејзиниот Азурен прозорец!

Туристите разочарани, Малта без нејзиниот Азурен прозорец!

Не престануваат негативните оценки на Trip Advisor од разочараните туристи коишто не слушнале дека прочуениот Азурен прозорец на Малта, некогашна атракција на оваа островската држава се срушил.

Лакот којшто се наоѓаше на западното крајбрежје на островот Гозо се сруши уште во месец март оваа година како последица на сила бура. Меѓутоа, тоа не ги спречило туристите и понатаму да го бараат Азурниот прозорец, за потоа сосема разочарани да оставаат негативни коментари за островот.

– Бев таму, но освен море, не видов никаква атракција. Природата тука победила, напишал еден од разочараните посетители на веб страницата Trip Advisor. Други пак напишале дека потрагата по оваа атракција се претворила во неверојатно губење на времето. А препорачуваат и други да не одат и да не губат време за да го посетат овој остров.

Лошите оценки се оставени и покрај тоа што Trip Advisor потенцирал со опомена дека Азурниот прозорец паднал во морето и дека тоа посетителите треба да го имаат предвид кога го посетуваат островот Гозо.

Азурниот прозорец инаку беше една од најпознатите туристички локации на Малта, каде што сите туристи без исклучок се фотографирале, но и скокале од него во морето.

Но, за варовничкиот лак официјалните лица од Малта редовно ги предупредувале луѓето да не се движат по него иако нивните предупредувања често биле игнорирани. Инаку, истражување спроведено уште во 2013-та година покажало дека ерозијата е неизбежна и дека структурата на оваа карпа е во опасност од целосен колапс.