Шампионот Тајсон Фјури се враќа во рингот!

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 07.03.2017 - 15:37

Поранешниот светски шампион во бокс во тешка категорија во верзиите Светска боксерска организација (WBO), Светска боксерска асоцијација (WBA) и Меѓународната боксерска федерација (IBF) – Тајсон Фјури, сензационално објави дека се враќа во рингот. Тој дури го најави и точниот датум на првиот дуел по прекинот – 13 мај 2017 година.

„Вонредни вести! Се враќам во рингот на 13 мај. Во потрага по противник сум. Очекувајте повеќе новини“, напиша Британецот на Твитер.

А потоа во типичен стил додаде нов пост: „Грижете се за моите појаси, момци. Кај кого и да да се во моментот, доаѓам по вас! Без разлика дали си мал или голем“.

Фјури ги освои трите титули во ноември 2015 година, откако го победи на поени нивниот поранешен носител, Владимир Кличко.

Двајцата боксери договорија реванш, кој првично требаше да се одржи на 9 јуни 2016 година, а потоа датумот беше променет на 29 октомври, бидејќи Британецот се пожали на повреда.

Натпреварот конечно пропадна откако Фјури објави дека се откажува од активниот спорт поради депресија во септември, а подоцна стана јасно дека во допинг примерокот му се пронајдени траги од дроги и особено кокаин.

Британецот не негираше дека користел слични материи, што доведе до одземање на сите негови појаси.

Во кариерата, колоритниот Британец има 25 победи во 25 натпревари, 18 од кои со нокаут.