Руски трикови за поздрава и поубава коса!

Руски трикови за поздрава и поубава коса!
Русинките се убави и негувани жени кои од дамнешни времиња внимаваат на својот изглед.
Russia Beyond-Македонија за вас ги собра најинтересните и најдобрите народни рецепти за убав изглед, а кои можат да се направат со состојки кои не се скапи и се достапни во Македнија. Денес ќе зборуваме за руските хранливи маски за коса.

Блескавата и негувана коса е украс на секоја жена. Денес, со цел да се нагласи убавината на косата, се прават разно-разни третмани, почнувајќи од фенирање до хемиски третмани и боење. Сево ова и штети на ваша коса, ја први сува и кршлива. Затоа е потребна дополнителна нега. За да имате густа и цврста коса треба да ја прихранувате, односно да нанесувате на неа хранливи маски за коса најмалку еднаш неделно пред да ја измиете.

Маска од ‘ржан леб

За оваа маска потребни ви се 250 грама ‘ржан леб. Исечете го лебот на ситни парчиња, ставете го во емајлирано тенџере прелијте го со жешка зовриена вода и покријте го со капак. По 5-6 часа кога лебот ќе надојде додајте едно јајце и убаво измешајте. Маската нанесете ја на косата и на главата и со масирачки движења втријте ја во коренот на косата. Потоа главата обвијте ја со пластична фолија или ставете пластична капа за туширање. На крајот покријте ја главата со фротирски пешкир. Држете ја маската 30-40 минути, а потоа измијте ја косата со топла вода. Со оглед на својствата што ги добива од јајцето за измивање на оваа маска не се потребни дополнителни средства, зашто таа истовремено е и шампон.

Млечна маска

Овој рецепт е мошне едноставен. За него можете да користите млеко, јогурт, кефир или кој било друг течен млечен производ. Млечниот производ треба убаво да се втрие во коренот на косата со кружни движења. Не заборавајте да ставите пластична капа за туширање и потоа да ја завиткате главата со фротирски пешкир. Оваа маска држете ја на главата четириесетина минути. Млечната маска е мошне полезна за вашата коса, но по нејзиното нанесување потребно е косата и главата добро да се измијат со топла вода.

Маска од квасец

За да ја подготвите оваа маска потребна ви е една супена лажица квасец која треба да ја растворите со една супена лажица топла, претходно зовриена, вода додека не добиете каша. Потоа во неа ставете една изматена белка и добро промешајте. Смесата нанесете ја на главата, триејќи ја во коренот на косата. Кога маската целосно ќе се засуши на косата измијте ја со обичен шампон.

Маска од кромид

Ова е необична, но мошне ефикасна маска, која не само што ја зацврстува, ами и ѝ дава свежина и сјај на косата. Во порцелански сад измешајте 30 милилитри коњак, 120 милилитри сок од кромид и 180 милилитри чај од чичков корен. Оваа смеса втријте ја на главата и оставете ја да дејствува 2 часа. Се препорачува оваа маска да се користи 2-3 пати во неделата.

Маска од камилица

Во шолја ставете две супени лажици суви светови од камилица и прелијте ги со 50 милилитри зовриена жешка вода. Оставете да отстојат 3-4 часа, а потоа прецедете ја течноста. Изматете една белка така што ќе добиете цврста пена, а потоа полека додајте ја течноста од камилицата. Добиената смеса втријте ја во косата и во кожата на главата. Оставете целосно да се исуши, а потоа измијте ја главата со шампон. Постојаното користење на оваа маска не само што помага во решавање на проблемот со прекумерното мрсење на главата, ами ја прави косата помека и свиленкава.

Се надеваме дека овие руски маски ќе влезат во рутината за негување на вашата коса, а вие продолжете да нè следите, зашто ние ви подготвуваме нови и интересни рецепти од руската народна традиција.