Rolls-Royce ќе направи брод кој ќе плови без екипаж

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 13.02.2017 - 21:23

Компанијата Rolls-Royce планира до 2020 година да го лансира својот прв брод кој ќе плови без помош на луѓето, односно поморскиот екипаж, со што би требало значајно да се намалат трошоците за патување.

Имено, претседателот на компанијата, Оскар Левандер, изјави дека најпрво ќе се направат траекти и транспортни бродови, а потоа и товарни бродови кои ќе пловат во меѓународните води.

"Изградбата ќе ја започнеме во неколку земји кои пред почетокот на проектите ќе дадат дозвола за пловидба на ваквите бродови", изјави Левандер.

Големите бродски компании се надеваат дека ваквата технологија ќе ги подобри нивните профити и ќе ги намали трошоците за 20%, но сепак наидоа на отпор од синдикатите кои се загрижени за можноста за судири во морето.

"Оваа промена ќе биде предизвик за безбедноста, а има уште многу неодговорени прашања за правните последици за префрлување на одговорноста која досега ја сносеа капетаните и членовите на екипажите на бродот", изјави портпаролот на меѓународниот синдикат за морнарицата.

Некои аналитичари веруваат дека бродот без екипаж нема да може да се заштити од пирати. Челниците на Rolls-Royce веруваат дека ваквиот брод ќе биде посигурен од останатите и дека ова ќе доведе до зголемување на работните места на копното. Моментално се работи на ваквите бродови во Британија и Сингапур.