Првородените деца се попаметни од своите браќа и сестри

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 10.02.2017 - 16:33

Ако сте најстарото дете во семејството, тогаш сигурно оваа статија ќе ви послужи за да ги зафркавате своите помлади браќа и сестри, а ако сте средно или најмало дете, тогаш претпоставуваме дека ќе ви биде тешко да ја дочитате.

Имено, новото истражување покажува дека првородените деца имаат тенденција да бидат поинтелигентни во однос на своите помлади браќа и сестри.

Студијата е заедничко дело на Универзитетот во Единбург, Универзитетот во Сиднеј и "Analysis Group", а резултатите од испитувањата покажале дека најстарите деца имаат подобри вештини за размислување, како и повисок коефициент на интелигенција уште од најраната возраст.

Како објаснување за ова, научниците велат дека постарите деца добиваат поголема ментална стимулација. Иако родителите најчесто нудат подеднаква емотивна поддршка на сите свои деца, првородените имаат добиено неподелено внимание со задачи кои го поттикнувале нивното логично размислување.

Истражувањето опфатило скоро 5.000 деца на возраст до 14 години, а вклучувало и фактори како економските услови и семејната историја.

Првородените деца имале подобри резултати на тестовите како што биле читање и сликовен вокабулар, што истражувачите го нарекле "ефект на редоследот на раѓање". Тоа значи дека оние деца кои се родиле први во семејството имале подобро ниво на едукација и имаат тенденција да заработуваат повеќе пари во текот на кариерата.

"Нашите резултати покажуваат дека однесувањето на родителите е можна причина за разликите во образованието и подготвеноста за пазарот на трудот", вели д-р Ана Нуево-Чикеро, која работеше на ова истражување.

Сепак, има и негативна страна да се биде најстар. Според едно истражување од 2009 година, првородените деца имаат скоро двојно поголем притисок да успеат на училиште, за разлика од нивните помлади браќа и сестри.