Првиот кабриолет од соработката на Mercedes и Maybach

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 17.11.2016 - 19:47

Една од најлуксузните премиери на Саемот за автомобили во Лос Анџелес без сомнеж е ултралуксузниот Mercedes-Maybach кабриолет, чија вкупна продукција изнесува само 300 примероци.

Првиот кабриолет од заедничката соработка меѓу Mercedes и Maybach го започна својот живот како луксузниот Mercedes-AMG S65 Cabriolet, а во намера да го направат уште полуксузен и поексклузивен, тие ја подготвија лимитираната серија S650 Cabriolet - ултралукзусниот автомобил кој би требало да ги задоволи клиентите кои можеби размислуваат за Rolls-Royce или Bentley.

Во однос на стандардниот S65 Cabriolet, S650 Cabriolet е опремен со неколку нови хромирани детали на каросеријата, а редизајнот е очигледен и во предниот браник.

Најголемите промени во однос на S65 Cabriolet се видливи во кожниот патнички простор во кој е инкорпорирано сѐ што може да се понуди во овој момент од оваа групација.

Mercedes-Maybach ќе произведе само 300 примероци, од кои 75 се наменети за пазарот на САД. Автомобилот ќе биде понуден во три бои - црвена, сина и бела.

Автомобилот се движи на 6-литарски битурбо V12 мотор со 630 КС, а од 0 до 100 km/h пристигнува за помалку од 4 секунди.