Премиера на „Спајдермен: Враќање дома“ вечерва во Скопје!

Премиера на „Спајдермен: Враќање дома“ вечерва во Скопје!

Најновиот филм со еден од Марвеловите јунаци, „Спајдермен: Враќање дома“ , на чии визуелни ефекти работеше македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х, од вечер ќе почне да се прикажува во Скопје.

Кристијан Даниловски, ко-сопственик и основач на ФХ3Х, истакна дека на овој проект работеле од јануари до мај годинава, со тим од околу 70 артисти.- Марвеловите филмови ни се особено драги проекти, бидејќи сме фанови како компанија, но сепак моментот кога ќе си го видиме името на одјавната шпица, како што е на пример последниот проект, Трансформери: Последниот Витез, кој имаше премиера минатата недела, е токму тој момент, непроценлив, радост за целиот тим, причина да се гордееме со тоа до каде сме стигнале, изјави Даниловски.

„Спајдермен се враќа дома“ е американски филм за супер херој базиран врз карактер од Марвеловите стрипови, 16-ти филм во низата Марвелови суперхерои и втора екранизација на главниот лик. Режисер е Џон Уатс, а главните улоги ги толкуваат: Том Холанд, Мајкл Китон, Џон Февре, Доналд Гловер, Зендаја, Мариса Томеј и Роберт Дауни Џуниор.

Премиерата на „Спајдермен се враќа дома“ се одржа во Холивуд на 28 јуни. Светската проекција ќе почне утре, ден по скопската премиера, која ќе се случи вечер во киното Синеплекс.

Критиката филмот го оцени за многу позитивен, а високи оценки за актерската игра доби и актерот Холанд, кој се појавува во насловната улога. Продолжението на Спајдермен веќе е закажано за 5 јули 2019 година.