Почина актерката Кери Фишер, позната како принцезата Леа

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 27.12.2016 - 20:43

Актерката и писателка Кери Фишер, која е најпозната по својата легендарна улога на принцезата Леа во "Star Wars", почина на 60 годишна возраст откако претходно доживеа срцев удар на летот од Лондон кон Лос Анџелес на 23-ти декември.

"Со голема тага Били Лорд потврдува дека нејзината сакана мајка Кери Фишер почина утрово. Таа беше сакана од многумина и ќе ни фали премногу", се вели во соопштението за јавноста.

Кери Фишер е родена во 1956 година, во филмското "кралско" семејство на актерката Деби Рејнолдс и пејачот Еди Фишер, а поголемиот дел од своето детство го помина во центарот на вниманието на јавноста.

Таа имала само две години кога нејзиниот татко се развел од мајка и, за да се ожени со Елизабет Тејлор, што во тоа време претставувало огромен скандал во таблоидите.

Младата Кери, која пораснала во Беверли Хилс, за прв пат се качила на театарската сцена на 15 години, заедно со нејзината мајка во Бродвејскиот мјузикл "Irene".

Нејзиното филмско деби беше во филмот "Shampoo" на Ворен Бити во 1975 година. Но, она што ја вивна во ѕвездите беше улогата во филмот "Star Wars" во 1977 година каде ја одигра улогата на бунтовничката принцеза Леа. Таа потоа ја репризираше оваа улога и во изданијата од 1980 и 1983 година.

Неодамна таа се врати повторно да ја одигра оваа легендарна улога во филмот "Star Wars: The Force Awakens" во 2015 година, а требаше да се појави и во следниот "Star Wars" филм.

Денес, големото кралство на "Star Wars" фанови, во кое спаѓаме и ние, како и воопшто целиот свет на културата, доживеа огромна загуба која ќе остави голема празнина во нашите срца... Почивај во мир...