Победа на Вардар за прво место во Сеха Газпром лигата

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 17.12.2016 - 19:29

После неделниот пораз на гостувањето во Хрватска, со хрватскиот шампион Загреб, денес повторно во рамките на Регионалната Сеха Газпром лига, нашиот шампион му гостуваше на белорускиот шампион, секогаш силниот и незгодниот Мешков во Брест.

Како што и се очекуваше "старитe" ривали од почетокот започнаа со квалитетна бескомпромисна игра, со одлични одбрани и ефикасни напади, но нашиот шампион низ целото прво полувреме го имаше водството, а во вториот дел од првото полувреме со бравурозна игра и со серија од шест последователни гола се одлепи со водство од 7:15 и на крајот на првото полувреме резултатот изнесуваше високи 12:19.

И во второто полувреме, Вардарци продолжија со жестоката и машка игра. Мешков правеше напори да го стигне забревтаниот Вардар и наколку пати ја намалуваше разликата, но тогаш на сцена стапи извонредниот голман на Вардар, Ангелов или популарниот Диви, како што го нарекува верната скопска публика, кој со фантастична серија од шест одбрани ги откажа ракометарите од Мешков од намерата да направат пресврт во натпреварот.

До крајот на натпреварот, играчите на Вардар постојано го контролираа резултатот и го зголемуваа водството, така што натпреварот заврши со значајна победа, 30:35 за успешно завршување на календарската 2016 година и за прво место во регионалната Сеха Газпром лига.