По боксот, летаа и флаши...[19.02.2012 - 23:08 часот]
|
Иако рингот е местото каде што се одвиваат спортските физички пресметки во рамките на боксот, во случајов физичката пресметка продолжи и надвор од рингот. Имено, на прес конференцијата по двобојот за титулата Светски боксерски првак во тешка категорија, одигран помеѓу Украинецот Витали Кличко и Британецот Дерек Чисоре, имаше физичка пресметка и надвор од рингот.
Главните протагонисти беа Чисоре и Дејвид Хај, поранешен светски првак. Хај, кој сега има телевизиски ангажман, ја попречуваше конференцијата влетувајќи му во збор на Чисоре, обидувајќи се да изнуди двобој против Кличко.
Лутејќи се поради тоа што Хај му го одзема вниманието, Чисоре го "подбуцна" својот сонародник со провокативно прашање: "Како ти е палецот?"

Тоа беше јасна алузија на оправдувањето на Хај по поразот во двобојот против Кличко во мечот за светски првак според верзиите "WBA", "IBF" и "WBO", кој беше одржан минатата година.
Вербалната пресметка продолжи се додека Чисоре, со микрофонот во рака, не се упати кон Хај кој стоеше помеѓу новинарите и фоторепортерите. Во тој момент, зборовите преминаа во удари.

Хај замавна кон Чисоре, држејќи шише во раката, но бидејќи го промаши, "подебелиот крај" го извлече неговиот тренер Адам Бут кој заработи удар на челото.
"Се колнам во Бога, ќе те убијам Дејвид Хај. Ме исече со шишето", викаше бесниот Чисоре.

Витали Кличко беше снимен како иронично се смее за време на фарсата помеѓу двајцата најдобри британски боксери, а подоцна за "BBC" изјави:
"Сосема сум разочаран. Ова отиде предалеку. Боксерскиот спорт не би смеел да биде ваков".
Медиумите пренесуваат дека Дисциплинскиот одбор на Британскиот боксерски сојуз остро ќе ги казни и двајцата боксери, а казната би можела да биде парична или дури и одземање на дозволата.

| [назад] |















