Пласман на Светско првенство за Панама и национален празник за државата!

Пласман на Светско првенство за Панама и национален празник за државата!

Репрезентацијата на Панама обезбеди дебитантски настап на Светското првенство во Русија по супер драматичниот и возбудлив последен квалификациски ден од КОНКАКАФ зоната.

Голот вреден историски пласман на Мундијалот го постигна Роман Торес во 88. минута од натпреварот. Претходно истиот играч го изедначи резултатот откако репрезентацијата на Костарика прва дојде до водство со голот на Венегас.

По историскиот успех претседателот на Панама, Хуан Карлос Варела денешниот ден го означи како национален празник и ги ослободи сите институции од работа со цел да може на вистински начин да го прослават пласманот во Русија.

„Гласот на народот е слушнат. Се слави историскиот ден во Панама. Утрешниот ден е национален празник. Утре се слободни сите, и работниците од приватниот и работниците од јавниот сектор. На националниот празник исто така нема да се одржи настава во приватните и државните училишта во земјата“- напиша Варела на својот официјален Твитер профил.