Peugeot и Citroen го купија Opel

Извор: ДодајГас | Објавено: 06.03.2017 - 15:27

Француската PSA Group и GM официјално денес официјално објавија дека се договориле за продажба на европската филијала на General Motors, која ги вклучува германската марка Opel и британскиот Vauxhall. Цената на трансакцијата е 2,3 милијарди долари.


Со оваа зделка, PSA, под чија капа се Peugeot, Citroen и DS, ќе стане втор по големина европски производител на автомобили – зад Volkswagen и пред Renault-Nissan.

Во договорот влегува целиот автомобилски бизнис на Opel / Vauxhall – двете марки, шест фабрики за производство на автомобили, пет фабрики за производство на компоненти и делови, како и еден инженерски центар – оној на Opel во Риселсхајм. Во европската поделба на GM работат околу 40 000 луѓе. GM го задржува инженерскиот центар во Торино, каде се развиваат модели за глобалниот пазар.

Моделите на Opel ќе продолжат да ја користат технологијата, останаата во компанијата од GM, а новиот сопственик стекнува и интелектуални права врз нив и ќе ги користи додека моделите на германската марка не минат целосно на платформи на PSA. Тоа значи дека новите модели Opel Crossland X и Grandland X се само првите кај кои е користена платформа на PSA.

Со денешната официјално потврда се става крај на неколку неделните шпекулации за можна зделка, а за прв пат дека има преговори беше потврдено од двете страни на 14 февруари.