Peugeot го претстави редизајнираниот модел 301

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 24.11.2016 - 18:17

Откако Citroën пред неколку недели го претстави благо редизајнираниот модел C-Elysee, нешто слично направија и од дизајнерската работилница на Peugeot, од каде излезе освежениот модел 301.

Четири години откако премиерно беше претставен, сега овој модел доби освежување кое треба да ги задоволи потребите на купувачите со послаба куповна моќ.

Подобреното издание на моделот 301 ќе пристигне во продажните салони кон почетокот на идната година, а класичниот триволуменски автомобил однадвор ќе биде препознатлив по новата маска и хромираните детали, затемнетите куќишта на предните фарови и редизајнираниот браник во кои се инсталирани LED дневни светла.

Суштинската промена во внатрешноста е новиот мултимедијаленсистем кој се управува преку 7-инчниот екран, а кои опции ќе бидат понудени ќе зависи од пакетот на опрема.

Peugeot 301 ќе може да се добие со двата познати бензински мотори. Послабиот, 1,2-литарски трицилиндричен PureTech мотор нуди 82 КС, додека посилната верзија го има 1,6-литарскиот 4-цилиндричен мотор со 115 КС.

Понудата на дизелски опции е заснована на 1,6-литарскиот 4-цилиндричен мотор со кој во послабото издание има 92 КС, а во посилното 101 КС.