„Панфиз 2017“ од 7 до 10 октомври

„Панфиз 2017“ од 7 до 10 октомври

Шест претстави од Франција, Германија, Романија, Бугарија и две од Србија ќе бидат изведени на 10. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз“ кој ќе се одржува од 7-ми до 10 октомври на малата сцена на Македонскиот народен театар.

– Среќен и задоволен сум што успеавме десет гидини да издржиме во организацијата на овој исклучителен фестивал, кој е еден од  ретките не само на Балканот, туку и пошироко кој се занимава со популаризација и презентација на овој жанр – физичкиот театар. Се надевам дека овој успешен пат на фестивалот ќе продолжи понатаму, и во наредните десет и повеќе години, истакна денеска на прес-конференција Трајче Георгиев, уметнички директор и селектор на „Панфиз“.

Соопшти дека годинава добиле над 50 апликации, но повеќето од нив биле претстави кои припаѓаат на уличниот театар. – „Панфиз“ е, сепак, фестивал на црната кутија т.е. го практикува овој жанр во посвечен и затворен простор, а тоа е театарската сцена, рече Георгиев.

На годинашното јубилејно издание ќе гостуваат пантомимичари со различни естетики, некои од нив веќе гостувале на „Панфиз“ во изминатите години, некои се и добитници на награди на овој фестивал, како што е Герасим Дишлиев од Франција кој ја доби наградата во 2009 година.

Дишлиев му бил студент и асистент на познатиот Марсел Марсо, а неговата претстава „Не на своето место“, за која Георгиев рече дека е  исклучително атрактивна монопантомима, во сабота ќе го отвори годинашниот „Панфиз“.

На 8-ми на 9 октомври ќе има по две престави во термините од 19.30 и од 21.30 часот – „Хомо Американус“ на Пол Цимпоеру од Романија и „Богатството“ на бугарското дуо Веки Бојс (во недела) и „Кратки визуелни приказни“ на дуото Мимикри од Германија и „Постквартет“ на Пулс театар од Лазаревац, Србија (во понеделник).

И оваа година „Панфиз“ им посветува внимание на лицата со посебни потреби. Во вторник, 10 октомври, ќе биде изведена претставата „Прва солза“, според расказ од Борисав Станковиќ, со која ќе гостува општинската организација на глуви и наглуви од Врање. По оваа изведба ќе биде доделена Наградата за најдобра претстава на „Панфиз 2017“ која е под покровителство на Росен Пацов од Бугарија.

На отворањето на 10-тиот „Панфиз“ ќе биде промовирана монографија за фестивалот на авторот Тодор Кузманов. – Таа ќе биде сведоштво, документ за тоа што поминало на „Панфиз“ во изминатата деценија. Публикација за неговата кратка и богата историја, рече Георгиев.

Фестивалот и оваа година, рече Георгиев, е поддржан со скромни средства, а на тоа се должи и неможноста да поканат скапи продукции од странство. Овој жанр се уште е малку поддржан во Македонија и поради немањето финансии пропаѓаат и обидите за копродукции, како што била во план со Србија и Финска. Нема ниту домашна претстава на годинашниот фестивал бидејќи и малкуте актери со завршена пантомима се занимаваат со уличен театар и статуи зашто тоа е финансиски поисплатливо.

– Следиме се што има во светот, но го правиме тоа  што е во границите на нашите можности. Се финансираат еден куп фестивали со многу поголеми буџети кои носат продукции што може да се видат на повеќе места во регионот. Надлежните треба да имаат предвид дека се работи за единствен фестивал од ваков тип, порача Георгиев.