Ново на zazabava.com: Фитнес 101 со Бојан!

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 19.10.2016 - 15:33

Пресреќни сме што грижата за здравјето и физичкиот изглед повеќе не се само тренд во Македонија, туку прераснаа во начин на живот за сe повеќе и повеќе луѓе.

Силно го поздравуваме ова и затоа одлучивме од денес, па секоја наредна недела да се дружиме со еден од најзгодните фитнес инструктори во Македонија, кој ќе нe советува како правилно да вежбаме и да се храниме.

Запознајте го Бојан Тодороски!

Овој млад фитнес инструктор има 23 години и веќе 6 години активно и професионално се занимава со фитнесот, а зад себе веќе има долга листа на задоволни клиенти кои својата доверба му ја препуштаат токму нему.

"Фитнесот станува сe попопуларен во светот, па така и кај нас има голем број луѓе кои се заинтересирани да го променат својот изглед и да се хранат здраво. Идејата е да се постигнат одредени промени во нивниот живот, кои носат подобар изглед, убаво обликувано тело, но и здрав ментален склоп. Вежбањето фитнес е индивидуално: некој за да биде во мода, а некој зашто смета дека водење на здрав живот, значи и долг живот", ни кажа Бојан додека разговаравме.

Мотивацијата која Бојан им ја дава на своите клиенти е инспирирана и од неговата лична приказна: "На 17 години бев слабичко момче и мислев дека сум незабележлив. Некој ми предложи да пробам со фитнесот, јас не само што се заинтересирав, туку толку посветено навлегов во тоа, што набрзо мене почнаа да ме прашуваат за совети".

Кога ќе ги погледнете фотографиите на неговиот профил, ќе ви стане јасно и зошто. Веруваме дека едноставните, а крајно корисни совети за вежбањето и исхраната на Бојан ќе ви се исплатат.

Време е да му отстапиме простор на овој презгоден фитнес модел и инструктор, а вие останете мотивирани! :)