Неверојатни пејзажи во Исланд[21.02.2012 - 00:32 часот]
|
Со своите живописни бои и вонземјански пејзажи, овие фотографии изгледаат како да се направени во некој друг свет. Фотографиите претставуваат две од најспектакуларните глетки на природата, односно на нив се забележуваат северната светлина и вулканот во моментот на ерупција во Исланд.
Фотографот Џејмс Апелтон од Кембриџ поминал цели седум години на Исланд, фотографирајќи ги фасцинантните и променливи пејзажи и, кога дознал дека вулканот Фимврпухалс набрзо ќе еруптира, веднаш заминал да ја види глетката.

Резултатите од тоа патување се овие совршени фотографии на кои се гледаат моќните пламени на вулканот и ефектите од суровата Исландска зима.

Придружуван од експертите за вулкани, господинот Апелтон не можел да му оддолее на искушението да се приближи колку што е можно поблиску до вулканот, обидувајќи се да ја избегне опасноста од гасовитите чепови кои се формираат при ерупција, како и пештерите под снегот кои се создаваат под дејство на топлината на лавата.

"Најопасните моменти настапија кога започна дводневното невреме и јас бев приморан да се заштитам од неверојатно моќните ветрови и виулици.
Неколкуте пати кога се обидов да излезам од засолништето бев оддувуван директно на самиот мраз што беше прилично вознемирувачко искуство", изјавил возбудениот фотограф.

"Суровата и дива природа, како и временските услови кои рапидно се менуваат, ги создаваат совршените услови за фотографирање во Исланд", дополнил господинот Апелтон кој се надева дека еден ден повторно ќе се врати на оваа локација и ќе создаде уште неколку незаборавни фотографии.

| [назад] |















