Наскоро доаѓа „батеријата од соништата“

Наскоро доаѓа  „батеријата од соништата“

Научниците развиваат батерија од магнезиум која што би требало да понуди поголем капацитет и да обезбеди подолго траење на батеријата.

Побезбедните и поефикасни батерии и натаму се во фаза на развој, но американски тим на научници од Joint Center for Energy Storage Research кој што се занимава со проучување на батериите и складирање на енергијата, своето истражување го насочиле кон батериите на база на магнезиум – осми елемент по распространетост во Земјината кора.

Прелиминарните резултати од истражувањето покажале дека новите батерии од магнезиум се побезбедни, незапаливи и имаат поголема густина на енергија од литиумот, а со самото тоа и поголем капацитет.

Во актуелните комерцијални батерии, течните електролити го транспортираат полнењето помеѓу катодата и анодата. Оштетувањето на надворешното куќиште и палењето на електролитите, може да предизвика експлозија на батеријата, стои во истражувањето на Berkeley Lab.

Тимот на Одделот за енергија работел на магнезиумска батерија која може да издржи повеќе полнења од литиум-јонската батерија. Научниците искористиле комбинација на магнезиум, скандиум и селен кои што имаат подобра подвижност на јоните во однос на електролитите кои што можат да се најдат во литиум-јонските батерии.

Се надеваме дека што е можно поскоро ќе пристигне и првата ваква батерија која што ќе понуди поголем капацитет и поголема издржливост, затоа што како што расте моќта на уредите, така и се потешко им е на батериите подолго време да го напојуваат тој хардвер.