Нашиот капитен Кире Лазаров се сели од Барса во Нант

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 17.02.2017 - 20:33

Попладнево на официјалната страна на нашиот ракометен капитен Кирил Лазаров, беше потврдена информацијата дека најдобриот десен бек во светот се сели во францускиот клуб Нант.

После четири години во каталонскиот клуб Барселона, Кире потпиша двегодишен договор со учесникот во Лигата на шампионите.

Новата екипа на нашиот најдобар ракометар во моментов е второпласирана во францускиот шампионат, со само еден бод зад лидерот ПСЖ.

"Доаѓам во амбициозен клуб, кој од година во година напредува. Имам можност да играм во еден од најдобрите шампионати во светот и да играм во Лигата на шампионите. Ги гледам мечевите од францускиот шампионат и многупати сум го гледал Нант. Ова е ново поглавје во мојата кариера", изјави Кире Лазаров за официјалната страна на клубот.

Кире во дресот на Барселона ќе одигра уште неколку натпревари до истекот на договорот, а потоа се сели во Франција. Ние му посакуваме многу среќа во новиот клуб, со безброј нови успеси.