Најлуксузниот Mercedes, Maybach S-Class!

Најлуксузниот Mercedes, Maybach S-Class!

Германскиот произведувач ја унапреди својата најлуксузна лимузина за 2018 година, а највоочливата промена се гледа од профил со оглед на тоа што автомобилот е сега подолг за 254 милиметри – вкупната должина изнесува 5.461 милиметри, а меѓуосовинското растојание е 3.365 милиметри.

Со цел да се нагласи визуелната разлика во однос на стандардната S класа, новата верзија на Maybach добива поинаква маска која не е карактеристичка за останатите модели на Mercedes. Исто така, задржан е амблемот на Mercedes на хаубата и багажникот. Освен тоа, отворите за воздух на предниот браник се украсени со металик елементи, а истиот материјал е употребен и на задниот дел на автомобилот, на завршетоците на издувните цевки и на долниот дел од браникот.

Зголемените надворешни димензии се одразиле и на дополнителниот комфор во кабината, посебно за патниците на задните седишта, кои се обично и сопственици на возилата на оваа класа или ВИП клиенти.

Уште еден новитет е и двобојната каросерија при што покривот, но и хаубата и багажникот се во еден тон, додека остатокот на екстериерот е во друг. Двобојната каросерија е достапна во девет колоритни комбинации.

Mercedes Maybach S-Class може да се нарача во две варијанти: моделот S560 4Matic за погон користи турбо 4.0 V8 мотор со 469 коњски сили и 700 Nm вртежен момент, додека S650 е опремен со турбо 6.0 V12 агрегат кој испорачува 630 коњски сили и дури 1001 Nm вртежен момент.

Внатрешноста, како и досега, е “облечена” во најскапите материјали кои се достапни во автомобилската индустрија, а сè е зачинето со повеќе амбиентално осветлување од претходно.

Новиот Mercedes Maybach S-Class ќе ја има својата светска премиера на претстојниот авто-салон во Женева.