Најбрзиот италијански автомобил - Evantra Millecavalli

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 30.11.2016 - 18:02

Италијанскиот производител на автомобили Mazzanti овој викенд ќе го претстави моделот Evantra 771 на Саемот за автомобили во Болоња. Но, ова сепак не е најсилниот автомобил на оваа компанија.

Рачно направениот ултраспортски двосед Evantra 771 се движи на 7-литарски V8 мотор кој испорачува повеќе од 780 КС и нешто помалку од 900 Nm најголем обртен момент.

Сѐ уште нема попрецизни информации околу забрзувањето и максималната брзина, но јасно е дека Evantra 771 ќе биде нешто побрза од стандардната Evantra која од 0 до 100 km/h пристигнува за 3 секунди и развива повеќе од 360 km/h.

Овој модел располага со двобојна комбинација на каросеријата, а основачот и сопственикот на компанијата Лука Мазанти нагласува дека сите досега произведени Evantra автомобили може лесно да се претворат во верзијата 771.

Но, она што е најгоре на понудата на Mazzanti е ограничената серија на моделот Evantra Millecavalli, чиј 7,2-литарски битурбо V8 мотор нуди повеќе од 1.000 КС, со што ја потврдува изјавата на Лука Мазанти дека ова е најсилниот автомобил наменет за патиштата кој е произведен во Италија досега.

Првенствено поради ексклузивитетот, Evantra Millecavalli ќе биде произведен само во 25 примероци во сива боја, а според официјалните податоци, автомобилот до "стотка" ќе пристигнува за 2,7 секунди, а ќе развива максимални 402 km/h.