Младите ракометари на прагот на историски пласман!

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 05.01.2017 - 21:29

По пласманот на машката сениорска репрезентација на Македонија во ракомет на Светското ракометно првенство кое ќе се одржи од 12 до 29 јануари оваа година во Франција, на прагот на пласман на Младинското ракометно ветско првенство ова лето во Алжир, е и македонската младинска репрезентација до 21 година, која на квалифакацискиот турнир кој се одржува овие денови во Скопје, во натпреварите со Полска, Португалија и Турција, треба да го обезбеди пласманот.

Вчера вечер сѐ почна најдобро за нашите млади ракометари на тешкиот натпревар со силната репрезентација на Полска, која го освои 8-то место на минатото светско младинско првенство.

Нашите избраници предводени од извонредниот лев бек Талески, со силна одбрана и со ефикасен напад го прегази противникот уште во првото полувреме, за што голем придонес дадоа и извонредните наши голмани.

Денес за противник ја имавме одлично подготвената репрезентација на Португалија која синоќа ја прегази Турција со високи 40:25. Нашите момци, натпреварот го започнаа малку уморни од вчерашниот супер натпревар и деконцентрирани со многу недозволиви грешки му дозволија на противникот да го добие првото полувреме со 14:9, по што второто полувреме мораа да се надминат себеси, да го стигнат водството на противникот, па при крајот дури и да дојдат до водство од два гола разлика, пред сѐ благодарение на извонредниот наш голман Томовски, кој со неколку бравурозни одбрани го доведуваше до очај противникот.

Но, само со одбрани не се добива натпревар, бидејќи во нападот скоро сите играчи потвфрлија, недоволно психички подготвени да го издржат товарот на одлучувачкиот натпревар. Му дозволија на противникот при крајот да изедначи и повторно, благодарение на извонредниот наш голман Томовски, за малку го избегнавме поразот и натпреварот заврши нерешено 21:21.

Сега, останува утре да го добиеме натпреварот со Турција со висок резултат, што од видениот квалитет на Турција е мошне реално, но и да го чекаме резултатот од натпреварот меѓу Полска и Португалија, на кој е очекувано Полска да не изгуби со висок резултат или пак да победи, со што нашиот пласман на наредното младинско ракометно првенство ќе стане реалност.