Младите македонски ракометни херои на Светско!

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 06.01.2017 - 17:57

На квалифакацискиот турнир за пласман на Светското првенство во ракомет за млади до 21 година 2017 во Алжир, кој се одржува овие денови во Скопје, во натпреварите со Полска, Португалија и Турција, нашите млади македонски херои завршија како победници и го обезбедија учеството на ова високо светско натпреварување.

Во речиси невозможната мисија, после денешната победа на младата репрезентација на Португалија над Полска со високи тринаесет разлика, нашите млади македонски херои, требаше да бркаат дури 19 голови разлика над репрезентацијата на Турција за пласман на младинското ракометно светско првенство ова лето во Алжир, а тоа и се случи на денешен ден Бадник, но не со 19 туку со 20 голови разлика.

Нашите македонски лавови ја совладаа репрезентацијата на Турција, која ниту во еден момент не сакаше да се предаде, туку цело време се бореше за што помал пораз и до последен свиреж на судиите воопшто немаа намера да се предадат, со што и овој успех ни го направија посладок.

И покрај тоа што се чувствуваше и мала нервоза во играта на нашите избраници, сепак големата желба го надмина нашето чувство на баксузлак на големите натпревари, па нашите млади херои, нашата надеж за задржување на континуитетот во светскиот ракометен врв,  предводени од извонредниот талент и борец Филип Талески, кој како вистински лидер ги поведе своите соиграчи кон овој голем успех.

Цврстата одбрана предводена од одличниот наш голман Даниловски, како и ефикасниот напад надградена со голема борбеност и желба за успех, низ целиот натпревар полека, но сигурно го мелеше противникот, за на крајот со висок резултат од 39:19, со дваесет голови разлика да ја крунисаат оваа голема победа за македонскиот ракомет и за уште едно учество на големо светско натпреварување, каде се надеваме дека достојно и со нови успеси ќе ја претставуваат својата голема ракометна светска сила својата Македонија.