Мислеле дека копа по ѓубрето, но тоа спасувало живот!

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 06.02.2017 - 22:06

Пред околу недела дена, еден бразилски полицаец од гратчето Ново Хоризонте забележал како маалското куче по име Џули панично копа во еден куп ѓубре. Се приближил да види што се случува, а тоа што го открил му го стопило срцето.

Џули од под купот ѓубре успеала да откопа живо новородено кученце, а кога полицаецот го видел, веднаш го повикал локалниот спасувач на животни, Марко Антонио Родригез.

"Кога пристигнав и ја здогледав сцената како Џули во уста го држи кученцето, се расплакав. Прво се расплакав од тага како некој има срце да фрли живо и штотуку родено суштество да умре, а потоа се расплакав поради љубовта и пожртвуваноста на животните", вели Марко.

Малото кученце било однесено во ветеринарниот центар, а Џули иако не му била мајка, одбила да го напушти, па ја понеле и неа. Бидејќи му било потребно да цица млеко, а Џули немала млеко, му нашле сурогат-мајка која го доела.

Кученцето го добило името Чаплин и секој ден расте поздраво и посилно, и чека да биде посвоено. Од срце му посакуваме да пронајде топол дом!