Маркус Ериксон е импресиониран од развојот на Заубер

Маркус Ериксон е импресиониран од развојот на Заубер

Способноста на Заубер да се развиваат во последниот дел од сезоната го изненади Маркус Ериксон откако околу летниот период тимот имаше сериозни проблеми со перформанси.

Швеѓанецот знаел дека тој и неговиот тим ќе имаат полни раце работа, особено откако се утврди дека ќе користат агрегати на Ферари со една година стара спецификација.

„Кога слушнав дека Заубер ќе користи стари агрегати, знаев дека нема да биде добро. Сите видоа што се случи со Торо Росо во 2016 година.

Сеуште мора да гледате позитивно и да се фокусирате на шасијата, така што ние тоа го направивме, но дефинитивно беше голем хендикеп.

Токму поради тоа сум импресиониран од тимот со начинот на кој што успеаја да продолжат со развојот и да не се откажуваат“, вели Ериксон.

Гледајќи наназад неколку месеци, Ериксон се присетува на тешкиот период за тимот по летната пауза, кога болидот имаше очајни перформанси.

Наместо да се откажат и целосно да се фокусираат кон 2018 година, Заубер со напорна работа постигнаа значителен прогрес, иако беше доцна за швајцарката екипа и нивната потера по поени.

„По летната пауза се изгледаше ужасно, касневме премногу позади следните болиди, скоро цела секунда по круг и беше многу, многу лошо.

Лесно ќе беше целосно да се откажеме и само да размислуваме за наредната сезона, но тимот продолжи да работи, а во фабриката развиваа нови делови.

Последните три или четири викенди бевме конкурентни и подобри од некои други екипи. Тоа беше од големо значење за тимот и покажува дека имаме многу квалитет на патеката, но и во фабриката“, заклучи Ериксон.