Македонскиот народен театар ја претстави "Говорна мана"

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 16.03.2017 - 01:02

Вечерва премиерно на малата сцена во Македонскиот народен театар се изведе претставата "Говорна мана" во режија на Драгана Милошевски - Попова.

Претставата е работена според текстот на познатиот српски театарски и филмски режисер Горан Марковиќ. Главната улога на Мишел Радински ја игра Игор Џамбазов. Приказната се случува во театар, во гримиорна на еден актер, првенец, на крајот од неговата кариера.

"Во текот на процесот, размислувавме дали треба да остане да се вика 'Говорна мана' или да биде говорна и други мани, затоа што се занимава со разни општествени теми, што се сублимирани како и во другите, пред сè, филмови, но и во други текстови на Марковиќ", вели режисерката Попова.

Џамбазов истакнува оти и самиот пораснал со филмовите на Марковиќ, со кого наоѓа и биографски сличности - и двајцата се деца на родители актери, и двајцата израснале во театарот. "Затоа сè она што го напишал во овој текст е само една брилијантна слика на она што тој го доживувал во своите детски денови во театарот", додава Џамбазов.

Играат и Ивица Димитријевиќ, Сашка Димитровска, Арна Шијак, Ана Стојановска и Билјана Јовановска. Костимите и сценографијата се на Илина Ангеловска, а музиката е на Горан Трајкоски.

Репризата е утревечер. Погледнете ја.