Македонија со пораз прв пат по две години од соседна Србија!

Македонија со пораз прв пат по две години од соседна Србија!

Младата фудбалска репрезентација на Македонија го запиша првиот пораз во квалификациите за Европското првенство во Италија во 2019 година што е воопшто и прв по пауза од две години.

Подобри од „црвено-жолтите“ попладнево беа нивните врсници од Србија со 2:0. Стрелци на головите на стадионот во тренинг комплексот при ФФМ беа Лукиќ во 22 минута и Живковиќ во 37.

Домашните не беа без закани, но не успеаја и до причина за прослава на реализација. Ѓорѓев во 15. минута, Тотре во 69. минута и нововлезениот Бобан Георгиев во 79. и во 82. ги имаа најдобрите ситуации за гол меѓутоа во дел од нив се испречи гостинскиот чувар на мрежата, а во дел и неприсебноста го стори своето. Српските фудбалери беа рационални од тој аспект за заслужен триумф во пресметката на две од 12. селекции учеснички на последното ЕП во Полска.

Македонија во првото коло славеше на гости кај Ерменија со 3:0, а веќе во понеделник ќе гостува на Гибралтар на стадионот „Алгарве“ во Фаро, Португалија. Како што беше најавено од претходно, Никола Ѓорѓев и Елиф Елмас ќе бидат ослободени од обврски кон младата репрезентација за дуелот со аутсајдерот во групата и ќе бидат отстапени на селекторот Игор Ангеловски во А тимот за дуелот со Лихтенштајн во Струмица во квалификациите за СП 2018.

Македонија (У21) – Србија (У21) 0:2 (0:2)

Стадион: Тренинг центар „Петар Милошевски“ при ФФМ. Гледачи: 500. Гл. судија: Франсоа Летесие. Асистенти: Цирил Муњие и Ерик Даниза (сите тројца од Франција). Ж. картони: Чешмеџиев, Петковски, Костадинов, Елмас (Македонија); Јовановиќ (Србија). Ц. картон: Чешмеџиев (Македонија). Стрелци: Лукиќ 22′, Живковиќ 37′ за Србија.

Македонија (формација: 4-2-3-1): Илиќ – Симовски (Кривањева 79′), Амановиќ, Чешмеџиев, Попзлатанов – Елмас, Тотре – Петковски (Абаз 66′), Ѓорѓев, Костадинов – Селмани (Георгиев 56′). Селектор: Благоја Милевски.

Србија (формација: 4-3-3): Радуновиќ – Богосавац, Машовиќ, Јовановиќ, Стевановиќ – Пантиќ (Дениќ 73′), Груиќ, Лукиќ – Живковиќ, Јовиќ (Шапоњиќ 85′), Радоњиќ (Пантовиќ 79′). Селектор: Горан Доровиќ.

Квалификации за ЕП 2019 (У21)

Група 7

Македонија – Србија 0:2

Русија – Австрија 1:0

Табела: Русија 7 (три меча), Ерменија 7 (4), Србија 6 (2), Австрија 3 (2), Македонија 3 (2), Гибралтар 0 (5).

Наредни мечеви (10 октомври): Гибралтар – Македонија, Србија – Русија, Ерменија – Австрија