Кинезите ја ископираа и Isetta!

Кинезите ја ископираа и Isetta!
Доста успешно, мора да признаеме – дури и додадоа и четири врати.

Колку и да е стара, култот на Isetta сé уште живее во нечии срца и не можеме да претпоставиме како тие ќе реагираат на веста дека Кинезите ја ископираа, и тоа доста успешно. Плус и додадоа и четири странични врати место една од напред како што има оригиналот, а има и нормални тркала назад. Сега Isetta ги има сите карактеристики на нормален автомобил, за кој како вели производителот Suzhou Eagle, младите (барем во Кина) веќе застанале во ред. Овој модел треба да претставува голем чекор напред за компанијата која се занимава со производство на електрични колички на голф и чија гама која брои повеќе од сто модела се разни изведеници на нивна основа. Согласно тоа, и овој модел е задвижуван со електромотор со 5,3 коњски сили кој му обезбедува максимални 60 километри на час. Тешко е 750 килограми, долго 3,3, широко и високо по 1,47 и има меѓуоскино растојание од 1,94 метри. Батериите од 72 kWh ќе му овозможат автономија од 120 километри, а цената од околу 4.000 долари голем интерес на пазарот – токму како што вели производителот!