Херојскиот чин го уништи неговиот Tesla автомобил, но има изненадување!

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 17.02.2017 - 12:29

Убаво е чувството да се биде херој, а во случајот на овој возач на Tesla автомобил кој се ставил себе си и својот автомобил во опасност, тоа нема да биде ни скапо.

Имено, според странските медиуми, 41 годишниот Менфред Кик се возел во својот автомобил Tesla Model S, кога здогледал човек во Volkswagen кој возел опасно и непредвидливо на автопатот во Минхен, Германија.

Кога Кик сфатил дека човекот бил онесвестен, тој застанал пред неговиот автомобил, и полека кочел сѐ додека двата автомобили не застанале во место.

Потоа влегол во Volkswagen-от и му дал прва помош на човекот, додека некои од другите луѓе кои застанале во меѓувреме се јавиле во Брза помош.

Мажот кој преживеал срцев удар додека возел бил одведен во болница, а германската полиција вели дека неговата состојба сега е стабилна.

Оваа херојска приказна го оставила возачот на Tesla со штета од околу 10.000 евра, но за среќа оваа вест стигна до самиот извршен директор на компанијата, Елон Маск, кој се понуди да ја плати оштетата.

"Му честитам на сопственикот на Tesla кој го ризикуваше својот автомобил за да застане автомобил со онесвестен човек на безбедно. Како благодарност, Tesla ќе ги покрие сите трошоци за поправката за возилото во најбрзо време", напиша Маск на Твитер.

Па, тоа значи дека сепак кога ќе направите добро дело, некој можеби ќе го препознае вашето херојство.