Филмот на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“ со премиера во Сан Пауло

Филмот на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“ со премиера во Сан Пауло

Новиот филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, ќе има премиера на најголемиот филмски фестивал во Латинска Америка, фестивалот во Сао Пауло, Бразил. Ова беше објавено од страна на фестивалот минатата ноќ.

„Бикини Мун“ е петтиот игран филм на Милчо Манчевски и ќе биде прикажан во програмата за специјални презентации, објави фестивалот. Манчевски ќе биде присутен за разговор со бразилската публика и за дискусија за моралноста и документарниот филм.

Куриозитет е дека првпат играат два филма од ист автор на еден фестивал – светска премиера на „Бикини Мун“ и бразилска премиера на кусиот експериментален „Крајот на времето“.

Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ кој освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски.

Продукцијата денеска го објави и трејлерот за „Бикини Мун“, кој е снимен во Њујорк и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада.

Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.

Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Инаку, Рашад е ќерка на позната глумица Фелиша Рашад, која се прослави со серијата „Козби шоу“.

Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е младото њујоршко чудо од дете Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски, кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата „Прислушувачи“, што тој ја режира за Ејч-би-о во 2002 година. По студиите во САД, Манчевски живее во Њујорк од 1985 година каде што е неговото професионално формирање и каде што освои награда на музичката телевизија Ем-ти-ви за спотот „Тенеси“, потоа прогласен за еден од 100-те најдобри во историјата.

Манчевски сними четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и од „Еуримаж“.

Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.

Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и „Златниот лав“ во Венеција и номинација за „Оскар“.

Манчевски е добитник и на почесен докторат од Универзитетот ВГИК во Москва, „Златен лав“ во Венеција, номинација за „Оскар“, „Индепендент спирит“, „Давид ди Донатело“, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, „Сребрен кондор“, Ем-ти-ви и други. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филма на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на многубројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.