Денес започнува 25-то Светско првенство во ракомет за мажи

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 11.01.2017 - 16:14

Од денес, па сѐ до 29 јануари, во Франција ќе се одржи 25-то, Светско првенство во ракомет за мажи.

На најголемиот собир на светските ракометари и овој пат учество ќе земе и нашата ракометна репрезентација, предводена од најдоброто светско десно крило Кирил Лазаров. Натпреварите започнуваат денес во Париз, со првиот натпревар помеѓу домаќинот и досегашниот светски првак Франција со најдобрата екипа од Американскиот континент Бразил.

На ова светско првенство учество ќе земат најдобрите 24 светски репрезентации, на почетокот распоредени во четири квалификациони групи од по 6 репрезентации. Во втората фаза продолжуваат 16 репрезентации, односно првите четири екипи од секоја од четирите групи.

Нашите македонски лавови се во групата "Б" заедно со репрезентациите на Тунис, Ангола, Словенија, Шпанија и Исланд, a натпреварите во групата ќе се играат во францускиот град Мец.

Македонската репрезентација, натпреварите ги започнува на утре (12.01.2017), со најдобрата екипа на афричкиот континент, незгодната репрезентација на Тунис, нашиот должник од последните кавалификации за Олиписките игри, репрезентација од која неочекувано изгубивме и го прекина нашиот сон - пласман на Олимпијадата.

Да се надеваме дека веќе научената лекција нема да ни се повтори и дека за разлика од тој, за нас трагичен натпревар, овој пат без потценување, со сериозен и професионален пристап кон играта ќе ја оствариме нашата прва победа, што ќе значи еден чекор кон пласман во натамошните натпревари.