BMW масовно ќе произведува електрични модели на автомобили!

BMW масовно ќе произведува електрични модели на автомобили!

BMW верува дека иднината ѝ припаѓа на електричните автомобили и plug-in хибридите, покажува планот за електрификација на моделите од оваа компанија до 2025 година.

На илустрациите кои ги објави германскиот произведувач се прикажани фазите на воведување на електрични и модели со plug-in хибриден погон.

Покрај сите досегашни електрични автомобили кои BMW ги лансираше во изминатите неколку години, може да се види дека следниот plug-in модел кој ќе се појави на пазарот ќе биде i8 Roadster.

Овој автомобил имаше светска премиера кон крајот на ноември на саемот за автомобили во Лос Анџелес, а во продажните салони пристигнува следната година.

За 2018 година е во план и уште еден plug-in хибриден автомобил со значката на BMW, но не е наведено за кое возило станува збор.

Инаку, сите нови модели кои ќе се појават во 2021 година и подоцна ќе бидат развиени на тој начин што ќе можат да користат мотори со внатрешно согорување, plug-in хибридни системи и чист електричен погон.

BMW предвидува дека електричните модели ќе користат модуларни погонски батерии кои ќе бидат достапни во три различни големини – со капацитет од 60 kWh, 90 kWh и 120 kWh.

Првата опција ќе се вградува во “компактната” и “средната” класа на автомобили, втората во “компактната”, “средната” и “луксузната” класа, додека третата е предвидена исклучиво за “луксузната” категорија на BMW возилата.