Барселона со цел напад оди по „старата дама“

Извор: ЗаЗабава | Објавено: 19.04.2017 - 16:30

„Ние сме Барселона и ако некој може да даде три гола за три минути, тоа сме ние. Ни треба само еден гол, потоа вториот ќе го постигне „Камп ноу“ со пеколната атмосфера. Третиот ќе следи сам од себе. Целта ни е да постигнеме пет гола, да одиграме фанатично се до последниот свиреж, се до 95. минута. Атмосферата во тимот е добра, зборуваме за работите што сме ги постигнале во минатото и што треба да направиме сега за да стигнеме до нов успех“ – Луис Енрике ги мотивираше своите фудбалери во пресрет на денешната голема битка. 

Луис Енрике има перфектен скор, откако овој тренер стигна на клупата на Барселона оваа екипа нанижа 15 победи по ред на „Камп ноу“ во рамките на Лигата на шампионите. Барса на последните 20 домашни средби во ЛШ има скор од 19 победи и едно реми, серија што трае уште од септември 2013 година. Во однос на првиот натпревар Барселона ќе биде посилна за Серхио Бускетс, кој се враќа по одлежаната суспензија на првиот натпревар во Торино.

Јувентус одигра фантастично на првиот дуел, но во таборот на „старата дама“ се свесни дека овојпат задачата ќе биде многу потешка. „Треба да бидеме внимателни, кога ќе се браниме, а кога ќе напаѓаме. Мораме да бидеме паметни, да не размислуваме за предноста од првиот меч туку да играме како да е 0-0. Барса има исклучително квалитетни напаѓачи и секоја одбрана има проблеми да ги неутрализира“ – истакна Масимилијано Алегри.