Адис Јаховиќ без влакна на јазикот

Адис Јаховиќ без влакна на јазикот

 Адис Јаховиќ е познат по својот темперамент и фактот што нема влакна на јазикот, поради што сега повторно се најде во центарот на вниманието.

Напаѓачот на турски Гезтепе дефинитивно се откажа од репрезентацијата откако не доби шанса за настап на последните квалификациски натпревари против Италија и Лихтенштајн кога дополнително беше повикан во националниот тим, па преку социјалните медиуми ги нападна сите кои имаат некаква функција во македонскиот фудбал.

Сега, тој повторно се јави, овојпат директно напаѓајќи го селекторот Игор Ангеловски за тоа што само тој не добил премија за мечевите со Италија и Лихтенштајн.

Мрме, зошто на сите играчи од репрезентацијата им даде премија од 1.500 евра за натпреварите со Италија и Лихтенштајн, а на мене не? Или можеби си ме заборавил? Не се сеќаваш дека и јас бев дел од тие натпревари, или дека се откажав од репрезентацијата поради ТЕБЕ и ФФМ!? Не ми требаат твоите пари, но тука покажувате ТИ и ФФМ какви луѓе сте… Почастете се од мојата премија – напиша Јаховиќ

Инаку, Адис Јаховиќ беше изоставен од националниот тим по промашениот пенал против Израел во квалификациите, иако за тоа никогаш официјално не беше потврдено, но Ангеловски реши да го повика дополнително за мечевите против Италија и Лихтенштајн бидејќи не можеше да ги игнорира добрите игри на Јаховиќ во Турција. Но, и покрај тоа, тој не му даде ниту минута на двата натпревари кои немаа никакво резултатско значење за Македонија, по што Јаховиќ се откажа од националниот тим.